Отворена изложбата на академскиот сликар Илчо Стојановски – Илко

Отворена втората самостојна изложба на ликовниот уметник од Велес, академскиот скулптор Илчо Стојановски Илко во изложбениот дел на Ликовен салон Велес.

Иако условите за отварање на изложбата се нестандардни и изложбата ја отвараме во ова време невреме, како што многумина го нарекуваат ,  се надевам дека ние овде присутните, а покасно и посетителите кои според стандардните портоколи за Ковид 19, ќе можат да ја погледнат изложбата, како и можноста да се види снимка од изложбата на ВЕБ  страната на Музејот, изложбата ќе ја погледнат поголем број на љубители на уметноста и посебно на творештвото на Стојановски.

Изложбата на скулптури на Илчо Стојановски е Проект од национален интерес  во културата од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот за 2020 година, финансирана од Министерството за култура. Илчо Стојановски,  средно уметничко училиште и ФЛУ завршил во Скопје- Дипломиран вајар, отсек керамика во класа на Проф. Драган Поповски -Дада

Професор е по ликовно образование, награден како  најдобар просветен работник за учебната 2008/2009 во О.О.У.Св.Кирил и Методиј

Изложбата во Велес е негова втора самостојна изложба, но  учествувал на голем број групни изложби и колонии. Последниве 2 години е и Технички организатор на меѓународната скулпторска колонија во Велес.

Скулптурата е константа во  ликовното творештво на Илко Стојановски . Неговото творештво во голем дел е посветено на фигурацијата и реализмот. Во првите години од творењето претежно работи во дрво, медиум кој е природен и отпорен, вткаен во традиционалната македонска уметност уште од копаничарите. Дрвото како негов омилен материјал, чија топлина го инспирира, од природниот праоблик  моделираќи го да му вдахне нов живот, останува доминантно, иако покасно работи и со  керамика, стиропор, гипс, мермер.

Стојановски реализмот најмногу го практикува кај портретите. Некои портрети, бисти, на конкретни личности, негови современици, се со различно, но најблиски до реалистичкото третирање на формата, со меката модулација на фактурата, со измазнета епидерма, со прецизно представување на карактерот, интимистички навлегуваќи во психолошката изразност на портретот. Реализмот е доминантен и кај бистите на личности од подалечните простори, иако посовремено третирани, со фиксиран поглед, нагласени очни, капаци каде експресивноста доаѓа токму од погледот кој е тажен, меланхоничен, „ Нигерија“, „ Момче“. Но, Стојановски, создава и портрети со поголема емотивна изразност дури и гротескност во искажувањето на емоцијата, експресијата, зачуденост  или вџашеност . Во некои покомплексно обработени ликови,  внесува поголема емотивна експресија, како кај женскиот лик „Само ти“, кој го прегрнуваат рацете, кои како да се бараат една со друга, нежно придржуваќи го пропорционалниот, прецизно измазнетиот лик и понираќи низ густата пошематски обработена коса. Во сегментираната фигура, вклопена во композиција во делото „Агонија“, се соочуваме со погрубо обработени сегменти, перфорирање на масата, боени контрасти, со акцент на зеленилото од природата која го опфатила телото.  Човекот е константа во неговата творечка преокупација, дела на машки и женски фигури, актови се истотака доста застапени. Во актовите како „Тело полно љубов“,  низ меко моделираните облици, елегантно извиената линија, телото шири сензуална енергија, наспроти лежечкиот акт „Пламена“,  каде предаваќи го женското тело во една извиена форма , шематизира и атрофира делови од телото за да се добие поголема експресија. Кај фигурите  кај кои е потенцирана  и нивната професија, балерина, пливач, замрзнати во својата телесна позиција или гестикулација, додава поголема експресивност со изразот на ликот или гестот. Кај скулпурата „Очајник“ достигнува кулуминација на експресивноста на фигурата, како преку изразот на ликот кој е целиот втопен во гримасата на очајот, така и со целата напрегнатост која се воочува во телото кое своите раце ги извлекува од лепливата глина, (доближуваќи ни го преку една професија која во Велес била  доста застапена), асоцираќи на тешкото провлекување низ животот.

Во дел од скулптурите  со боење на одредени сегменти добива полихромност, како што тоа го прави италјанскиот скулптор Вили Варгинер (Willy Verginer) кого го посочува како една од своите инспирации, а тука е и инспирацијата од Арон Демец (Aaron Demetz).

Стојановски уште во почетоците  прави обиди да се изрази и во скулпторски решенија од типот на ликовна тродимензионална форма која сама за себе функционира, егзистира и раскажува, користејќи го дрвото такво какво што го создала природата, давајќи му асоцијативна  форма, која  поставена  во просторот функционира како самостојна творба.

Стојановски истражуваќи меѓу традицијата и модерното успева да созрее во уметник со свој ликовен ракопис преку кој е препознатлив.