Во Ликониот салон во Велес отворена изложбата на авторот Марјан Стојановски

Во изложбениот дел на Ликовен салон Велес отворена е   изложбата на скулптури на академскиот вајар од Прилеп, Марјан Стојаноски токму на неговиот роденден.

Изложбата на скулптури на   Марјан Стојаноски е Проект од национален интерес  во културата од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот за 2020 година, финансирана од Министерството за култура.

Марјан Стојаноски, академски скулптор роден е во Прилеп, средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности завршува во Скопје,  во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на ДЛУМ и на ДЛУП. Во два наврати е претседател на ДЛУП.   Има реализирано повеќе самостојни и групни изложби. Учесник е на повеќе колонии и успешно ја реализира Меѓународната ликовна колонија во Прилеп. Добитник на повеќе награди и признанија. Во 2015 година ја добива наградата за скулптура „ Јордан Грабул “ (ДЛУП)
Најновиот циклус скулптури на академскиот скуплтор Марјан Стојаноски, насловен „Феникс 3“,  се надоврзува на предходните два. Со најновата серија на скулптури преку самиот наслов реферира на нешто динамично, циклично, обновувањето и повторното раѓање, персонификација на вечноста, како Фениксот кој се издигнува од својата пепел, како цикличната природа. Скулптутите се од метал: челик, росвајт и обработен лим, некаде се надополнети со огледала кои откриваат некои футуристички рaзмисли да се долови светлината. Техниката на заварување на металот, му овозможува на скулпторот користејќи ја  својата креативност да ги надградува своите скулптури склопуваќи ги од повеќе конструктивни елементи. Скулптурите се замислени како ротирачки композиции чие кружно движење е совршено, без почеток и крај, за  жал нам оваа нивна димензија ни е ускратена поради неможноста на авторот лично да дојде и да ги монтира движечките механизми, но се надевам и вака скулптурите се доволно асоцијативни.

Кругот, како геометриски симбол во чија  совршена форма се преставени многу космички тела,  континуирано се провлекува низ циклусот на дела „Феникс“ и во творештвото на Стојаноски. Кругот како заокружена целина, недооформен круг или само сегменти од кругот ни асоцира на кругот на животниот пат, во кој има многу празнини. Кругот со (топка) во центарот е многу раширен симбол уште од паганството; почеток и крај на Универзумот, персонифицирање на митскиот свет, во христијанството симболична представа на Единствениот бог, поставени најчесто во централниот дел на композицијата на  кругот, но некаде во композицијата ја наоѓаме и втората топка, кои по својата форма се сродни со кругот по совршенството.   И покрај наизглед затворените целини сепак го забележуваме активното присуство на ритамот предаден преку дијадоналните засеци по рабовите на скулптурите или наварува шипки, понекогаш групирани во целини, лепезасто поставени, кои во надминувањето на прстенестиот обрач како да сакаат да продолжат кон бесконечноста. Во едноставната структура на некои форми, авторот интервенира со барељефи кои се единствените артикулации на присуството на битието врз мазната епидерма на овие геометриски облици. Во скулптурите мошне ретко вметнува минималистички дрвени елементи, најчесто топчести или елипсасти форми. Со вклопувањето на овој мек, топол  материјал во склоп на композицијата, го насочува набљудувачот  на делото кон енергетските структури на различните мареријали, со кои  ја потенцира таинствената синергија на материите.  Ослободен од директните влијанија на конкретни автори, просторната диспозиција, композицискиот распоред на геометриските елементи, го даваат уметниковиот скулпторски ракопис, кој го прави неговото дело препознатливо.