Во Ликовен салон Велес отворена е изложбата ,,Орнамент како пејзажен знак 18″ од авторот Атанас Атанасоски

На 29.11.2018 во 19,00ч,  во Ликовниот салон во Велес  се отвори  изложбата на дела на  ликовниот уметник  Aтанас Атанасоски, насловена „Орнамент како пејзажен знак 18“.

Атанас Атанасоски е роден и живее во Прилеп. Дипломирал на ФЛУ во Скопје (отсек скулптура) во 1987 година, во класата на професор Стефан Маневски. Завршил постдипломски студии на ФЛУ во Будимпешта, Унгарија, во 1995 година. Член е на „Студиото на млади ликовни уметници во Будимпешта“ од 1990 година. Член на ДЛУМ. Работи како асистент истражувач во Институтот за старословенска култура во Прилеп. Самостојни изложби реализирал во Прилеп; Будимпешта; Пиран, Словенија; Линдабрун, Австрија; Скопје; Битола… Групни изложби имал во Македонија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Бугарија…

Во 1995година е добитник на откупна награда на меѓународната манифестација”Ехтемпоре” во Пиран, и на ДЛУМ “Зимски салон” во 1998 година( наградата за скулптура “Јордан Грабул”) .

Изложбата е инсталација изработена од вегетација, во која концепцијата се темели на монохромијата, минимализмот, математиката – геометријата, каде низ лини, форма, структура, боја, ја бара естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу човекот и природата.

Проектот се одвива во рамките на програмата за ликовна активност на ЛУ Народен музеј Велес, а се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.