
На 02.10.2018 во 19,30ч, во Ликовниот салон во Велес се отвори изложбата на слики на ликовниот уметник Моника Десоска Каргова.
Изложба на 24 слики, масло на платно и картон, насловена „ Живееме, танцуваме, тагуваме…“.
Моника Десоска Каргова, родена 1973 во Прилеп, 1997 дипломирала на ФЛУ во Скопје.
Работела и работи како, професор, слободен уметник и шминкер. Професор по ликовна култура – НОВА-Интернационални училишта, Скопје од 2015-2018, шминкер на повеќе престави во Македонски народен театар и сл. Има реализирано 11 самостојни изложби и учествувано на поголем број групни изложби. Во 2002 година добитник е на наградата „Љубомир Белогаски“, за успешна изложба за проектот „Простор“ реализиран во 2001 година во Музејот на град Скопје.
Моника Десоска-Каргова за прв пат се претставува на македонската публика во 1992 година, со делото „ Поглед кон надвор“ во Дом на култура-Прилеп. Помеѓу тогаш и денеска, нејзиниот уметнички дух не мируваше туку се трансформираше, патуваше, моделираше и истражуваше. Искуството прерасна во сигурен цртеж, колоритно изразување, композициска структура, сугестивни форми и поетично ликовно изразување. Повторно се сретнуваме со уметникот Моника Д.К. преку делата од серијата наречена „ Живееме, Танцуваме, Тагуваме….“. Дела развиени низ последните 9 години од уметничкото творештво на уметникот Моника Десоска Каргова.