Во Ликовен салон во Велес отворена изложба на дела од Меѓународната Кичевска ликовна колонија

На 19.04.2018 (Четврток) во 19 часот беше отворена 24-тата Интернационална Кичевска Ликовна Колонија на која беа изложени 20 дела од повеќе автори од земјата и странство. Пригодно излагање имаше в.д директорот на ЛУ Народен музеј Велес д-р Анита Василкова Мидоска која воедно и ја прогласи изложбата за отворена.

Ми претставува особена чест што вечерва имаме можност пред велешката публика да презентираме избор на 16 уметнички дела и 4 фотографии кои претставуваат дел од поголем корпус на уметнички дела креирани на 24 Меѓународна Кичевска ликовна колонија. Самиот податок дека станува збор за 24 години успешно опстојување на оваа манифестација во голема мера го презентира заедничкиот уметнички импулс на организаторите и уметниците учесници. Делата сите години наназад се создавани во креативна, творечка и релаксирана атмосфера во хотелот „Куќа на уметноста“ сместен во живописниот и богооблагороден простор на атарот на селото Кнежино. На оваа колонија земаа учество 21 уметник, еминентни ликовни уметници, академици и професори од 14 држави и тоа: Казахстан, Сев. Кипар, Индија, Иран, Италија, Египет, Романија, Словенија, Турција, Косово, Србија, Хрватска, Бугарија и Македонија. На овој настан драги гости, презентирани се пред вас делата на следниве 11 творци: Весна Секулиќ – Косово, Весна Опаски – Србија, Марат Бакејев – Казахстан, Пунам Чандрика Тајги – Индија, Ахмет Ерман Карагоз – Северен Кипар, Анита Моноскалко – Италија, Лулзиме Османи – Македонија, Јашар Чали – Турција, Костин Братеуни – Романија, Хала Ел Шаруни – Египет, Акмар Жиенгалијева – Казахстан, а делата се изработени во различна техники: акрил на платно, масло на платно, комбинирана техника и графики кои придонесуваат кон една богата колоритна рефлексија на целокупното творештво на учесниците. Во овој воведен дел би сакала да нагласам уште еден куриозитет, а тоа е провениенцијата на уметниците. Имено, сите уметници доаѓаат од подрачја кои во себе ја имаат вткаено историјата не само на своето тло туку со големи букви ја имаат испишувано и светската историја на човештвото. Токму овој вткаен генетски код на секој автор заедно со нивниот сопствен ликовен јазик кој овозможува широк дијапазон на разновидни дела кои го отсликуваат светот на уметникот – истакна в.д директорот на ЛУ Народен музеј Велес д-р Анита Василкова Мидоска

Изложбата може да се погледне секој работен ден од Понеделник до Петок во Ликовен салон Велес до 25.04.2018 (Среда).