Биеналната изложба на цртеж “Скици 2017“. на кумановски ликовни уметници

На 01.03.2018 година во Ликовен салон Велес беше отворена Биеналната изложба на цртеж “Скици 2017” на кумановски ликовни уметници. Во присутво на окулу триесетина вљубеници во уметноста пригоден говор одржаа в.д директорот на ЛУ Народен музеј Велес д-р Анита Василкова Мидоска и организаторот и координаторот на изложбата директорот на НУЦК ,, Трајко Прокопиев ,, Куманово г-дин Роберт Цветковски историчар на уметноста.

Ми претставува особена чест што вечерва имаме можност пред велешката публика да презентираме 24 цртежи кои го креираат фундусот на биеналната изложба на цртеж насловена како „Скици 2017“. Овие дела го комплетираат опусот од седмото издание на оваа веќе традиционалната изложба којашто претставува дел од Годишната програма за финансирање на проекти за остварување на националниот интерес во културата за 2017 година. Изложбата е во организација и координација на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово, а денес пред Велешани се претставува како резултат на заедничката соработка помеѓу ЛУ Народен музеј – Велес и Центарот за култура од Куманово. Она што е карактеристично за ова издание на изложбата, според зборовите на организаторот и координаторот, тоа е можноста својот уметнички дар и талент пред нас да го претстават не само академските сликари, којашто било досегашна практика, туку сите ликовни уметници. Можеби овој широкограден пристап кон изборот на учесниците и нивните дела овозможува пред нас да се отворат најразновидни сфери на односот на уметникот кон цртежот независно во која сфера од уметноста овој цртеж ќе прерасне во финално уметничко дело. Како одговор на прашањето Зошто е цртежот важен? Јас би избрала два цитати:

Имено, уште многу одамна Тицијан, големиот ренесансен уметник, гордо изјавил: „Не се тоа светлите бои туку добриот цртеж кој ги прави фигурите прекрасни“ За неколку векови подоцна во истиот дух славниот Салвадор Дали да каже: „Цртањето/Цртежот е чесноста во уметноста. Тука не постои можност за мамење. Или е добар или е лош.“-изјави в.д директорот на ЛУ Народен музеј Велес д-р Анита Василкова Мидоска.

Идејата да му се даде масовност на проектот ќе донесе уште поголема разновидност во однос на идеите и решенијата коишто ќе бидат понудени од страна на ликовно-техничката дисциплина во којашто уметникот се изразува. Оттука не зачудува нагласената употреба на бои и колористички цртачки решенија од страна на академските сликари, бихромни композициски структури со нагласена употреба на линијата – карактеристика на академските графичари, како и сложено стилизирани асоцијативно –  фигуративни сцени со нагласена нота на волуменот и фактурата на материјалот интерпретирани од страна на академските скулптори. Интересот за цртежот на овие простори отсекогаш варирал во зависност од иницијативите коишто ги покажувале институциите во областа на културата. Затоа и обидите од наша страна да го актуелизираме цртежот се чинат оправдани а во таа насока одат и минатогодишните искуства коишто говорат за прифаќање на оваа дисциплина како рамноправна со сите други ликовни техники. – истакна Цветковски.

Изложбата Велешката, па и пошироката јавност ќе може да ја погледнат во галерискиот просторо на Ликовен салон Велес во следните две недели.