Етнологија

Етнолошката збирка содржи предмети кои го карактеризираат севкупното живеење во Велес и неговата околина. Збирката е претставена преку предмети (народни носии,предмети за домаќинство,накит и др.) од Велес и неговата поширока околина. Во поставката може да се види реконструкција на стара селска просторија, и просторија од градска куќа.

Народниот Музеј од Велес ги опфаќа општините Велес, Градско и Чашка, територијално познати под името Повардарие. На оваа територија, освен Македонско, живее и друго не словенско население како: Турци, Власи, Роми, Албанци и торбеши од македонско потекло, но со муслиманска вероисповед.

По иселувањето на поголем дел од торбешкото население во 1951 г. овој простор е пополнет со Албанско население од соседните села и доселеници од Санџак, Косово.

Населението од овие подрачја не сочинува една хомогена целина туку припаѓа на неколку поголеми етнички области: брсјачка,горно вардарска, мијачка и дел на шопско-которската.

Поголемиот дел е од брсјачката етничка целина со пределите – Велешко, северни велешки села, Клепа, Азот, Ќумурџи кол и Ќучук кол.

Во пределот на Азот се наоѓаат две планински села со мијачко население доселени од пределот на Мала река во Западна Македонија и две села во северниот дел кои од 1922 г. до 1951 г. се со мешано население, турско и македонско, додека денеска е со чисто македонско население од Кратовско – Паланечкиот регион.

Обезбедувањето на семејството со текстил за облека и покуќнински потреби било исклучиво обврска на жената.

Технологијата на обработка на суровините од памук, волна, коноп, свила и козина, нивната преработка во конец и подготовката за понатамошна дообработка со плетење и ткаење.

Во овие припреми спаѓа и бојадисувањето на преѓата кое го вршеле со растителни природни бои познати насекаде во Македонија.

Од растителните природни бои најмногу е застапено боењето со лист од дуња, бршлен, лушпи од орев, кромид, див магдонос, млечка, слез, броќи и др.

Освен овие растителни бои, познати се и други природни средства , меѓу кои најзастапено е боењето со саѓи, чивит и др. Подоцна почнале да бојат со анилински вештачки бои напуштајќи ги природните.

Во народното боење најмногу се застапени, црвената, кафената, зелената и жолтата боја.

Богатството на бои и нијанси како и разновидноста на орнамени во везот, плетиво и ткаениците ја покажуваат високата смисла и чувство за вкус и хармонија на жената од овие краишта.

Во XIX век и почетокот на XXти век, во Велес биле застапени голем број на занаети со 35 еснафски здруженија.

Најзастапени занаети кои одиграле важна улога во развојот и животот на овој град биле грнчарскиот, бакарџискиот, мутавџискиот, кујунџискиот, ковачкиот, самарџискиот и др.

Посебно развиен бил грнчарскиот со кој се занимавале над 20 фамилии од градот. чии производи со својот квалитет биле познати надалеку, меѓу кои најпознатата била фабриката за украсна керамика Вила Зора, чии производи биле познати и во Европа.