Историја

Историската постаствка го опфаќа периодот од средината на 19-тиот век па се до ослободувањето (09.11.1944) и изградбата на нашата држава и повоената изградба и економскиот развој на градот Велес. Збирката е претставена преку фотографии, документи, и предмети (оружје и воена опрема) од горенаведениот период.

На педесетина километри јужно од Скопје, во долината на реката Вардар, од неговата лева и десна страна лежи градот Велес. Со амфитеатрален облик и високо издигнати куќи, збиени меѓу големите ридови, градот ја чува својата вековна историја, за што сведочат бројните археолошки ископин и пишани извори.

Благодарение на својата добра географска положба се развил како населба уште од дамнешното минато а неговите функции се развивале или опаѓале зависно од историските прилики. Тој е град што ја завземал најсеверната точка на некогашната област Пеонија, која во 217 год. п.н.е. ја освоил македонскиот крал Филип V. Во 168 год. градот потпаднал под римска власт и оттогаш му се губи трагот.

Повторни податоци за градот срешаваме дури во XI век.

Како средновековна населба лежел кај устието на Тополка во Вардар се наоѓал во Битолската епархија. Податоци за градот среќаваме и во повелбата на Византискиот император Василије II, а подоцна со него управувал деспотот Оливер. За време на српскиот цар Душан овој град имал важна стратешка функција , а во нејзиниот состав останал до 1385 год. кога бил заземен од турските војски кои градот го држеле под своја управа пет векови.

Во составот на турската држава градот доживеал повеќе подеми и падови кои различно се манифестирале врз неговиот стопански развој и со тоа оставиле траен белег во неговиот историски развој.

Поминувајќи низ Велес, патеписецот Едвард браун во 1669 год., споменува дека најголемиот дел од градот изгорел во катастрофален пожар а уште поголема криза доживеал по навлегувањето на австриските војски под команда на генералот Пиколомини во 1689 год. кога во градот направиле вистински пустош, запалувајќи го повторно. Уште поопширен опис за градот дал патеписецот Евлија Челебија кој покрај другото наведува дека во градот постоеле повеќе џамии, 50-тина дуќани, медреса, основно училиште, чаршија со развиено занаетчиство и трговија, а бил и извесно време владичка столица. Во овој период градот бил познат под името Ќупурли (град на мостови).

Во почетокот на VXIII век, по кажувањата на Еротија Рачанин градот се повеќе напредувал, особено по опожарувањето на Скопје така што градот го зазел приматот на голема населба со многу ”господа и кадии”.

Велес посебно почнал да напредува економски во почетокот на XIX век, кога станува еден од најголемите трговски центри во Македонија, а неговите трговци и пазари биле надалеку познати тргувајќи не само со границите на Отоманската империја туку, и надвор со развиените западно-европски земји.

Кон крајот на XIX век со изградбата на железничката линија Митровица – Скопје – Солун, Велес го изгубил претходниот примат и постепено почнува економски да слабее.

По Балканските и I Светска војна почнал да опаѓа и бројот на населението, особено по иселувањето на турското население.

По II Светска војна градот значително почнува да напредува на економски план, особено се развива индустријата, а најзначајни капацитети изградени во овој период се: фабриката за порцелан, свиларскиот комбинат, со работа почнуваат и фабриката за масло, фабриката за вар Превалец и други. Во овој период Велес станува најзначаен патен и железнички јазол во Македонија.

Од досега наведеното може да се заклучи дека Велес се вбројува во развиените градски населби освен со развиена индустрија, земјоделие, образование и култура, па затоа станал привлечно место за живеење. Во овој период почнува брза миграција на населението од село во град со што се зголемува и бројот на населението во градот.