Отворена изложбата “Женските муабети” од авторот Гордана Винчиќ

Во Ликовен салон Велес на 16.05. 2019 година во 19 ч.  се отвори изложба  на слики на  Гордана Винчиќ, академски сликар  од Скопје.

Гордана Винчиќ е родена 1971 во Скопје, а живее и твори во Малме, Шведска. Во 1998 година завршува студии за Социјална работа и политика при реномираниот универзитет Лунд.       Големо влијание врз творештвото на Гордана има нејзината мајка која како ликовен уметник и историчар на уметноста, уште од мали нозе и ги всадила корените и тајните на сликарството. Винчиќ зад себе има реализирано повеќе самостојни изложби, меѓу кои една од позначајните е изложбата „Transitions“ во музејот на „Puskinska 10“ во Санкт Петерсбург во 2015 година. Таа има создавано и изложувано дела во Франција, Шведска, Англија, Русија, Турција, Албанија, Бугарија и Македонија. Во доменот на социјалната работа и политика, Винчиќ во соработка со Шведските власти има одржано преку 300 визуелно – иновативни ликовни работилници. Се потпишува и како организатор на голем број семинари во Шведска за лидерство, каде што основните алатки се токму нејзините умнетнички дела. Винчиќ е и организатор на повеќе ликовни колонии во земјата како и учесник на многу меѓународни.

Делата на Гордана самите по себе се наративни и носат длабока мистичност, носталгичност и надреална симболика. Секое нејзино парче уметност ги поттикнува сетилата, тера на размислување и барање одговори. Авторката преку своите дела ги спојува уметноста и личниот развој, а главниот поттик и е фасцинираноста од подсвесното знаење и мудрост кои сekoj чoвek ги носи во себе. Кај набљудувачот сака да предизвика размисли за мистиката на животот, митологијата и симболиката, се со цел достигнување на повисоко ниво на свесност и среќа.

            Најстарите времиња сведочат за женските дружби кои преживеале со епохи а со тоа и тајните на божествениот женски принцип. На овие заедникувања низ приказни, ритуали а честопати и песна, жените исцелувале спојувајки се со природата и невидливиот свет. Модерната жена длабоко ја закопала својата мистика и моќ, архетипот на исцелителка, високата свештеничка и божица. Секојдневието ја одвлечкало далеку од природата и ја принудило да биде мајка, сопруга, љубовница и кариеристка. Повеќе од 2000 години доминантниот парадигм ја ограничува оваа женска енергија без размисла дека поради тоа ни машкиот принцип не може да го достигне својот врвен потенцијал. “Женските муабети” во денешно време подсвесно не асоцираат на дамнешните женски дружби, исполнети со тајни па затоа секогаш ќе привлекуваат љубопитност кај спротивниот пол.