Во среда 12.06.2019 година во 20 ч. во Ликовниот салон во Велес беше отворена изложба на дела од 25-тата Интернационална Кичевска ликовна колонија. На изложбата беа поставени слики изработени од учесниците на оваа колонија vo 2018 година, Жарко Јакимовски, Боро Арсовски, Илбер Зулфаќири, Ферудин Ишман од Северен Кипар, Снежана Гроздановиќ од Србија и други.
Пред велешката јавност се представени 20 дела од изработените, кои се авторство на , еминентни ликовни уметници, академици и професори кои твореа во прекрасниот амбиент во Куќата на Уметноста во с. Кнежино-Кичево. Делата се изработени во различна техники, акрил на платно, масло на платно, комбинирана техника, графики и фотографии на изработените скулптури.
Колонијата се одржува 25 години во континуитет и во нејзини рамки од 1994 до 2018година во креативна творечка и релаксирана атмосфера во хотелот “Куќа на уметноста” сместен во густа констенлива и борова шума на 960 метри надморска височина во с. Кнежино, авторите создале над 1300 уметнички дела, а во депото во Куќата на уметноста има над 900 дела од светски познати мајстори.
На изложбата ќе имаме можност да видиме различни индивидуални светови и пристапи при утврдување на ликовните образци. Секој од овие творци, преку изборот на својот личен ликовен говор ја живее стварноста во конкретниот миг, различна за секој од уметниците. Уметноста во овој случај делува како обединувач, ја гради целината, ги надополнува етничките, географските, времеменските разлики.