Отворена изложбата на Лидија Саздовска во Ликовниот Салон во Велес

  Во Ликовен салон Велес, во четврток  на 04 април 2019 година во 20 ч. се отвори изложба  на слики на  Лидија Саздовска, академски сликар  од Скопје.

Лидија Саздовска е родена во Белград 1949 год. Дипломирала на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, педагошки оддел – Сликарство во класата на проф. Ана Темкова. Има реализирано 13 самостојни изложби, а учествувала на голем број групни ликовни изложби и колонии и добитник е на повеќе награди. 

            Изложбата на слики на Лидија Саздовска е конципирана и поставена во пресрет на одбележувањето на четири децении ликовно творештво со пресек од севкупниот ликовен опус.

Преку циклусите насловени   Меланхолија, Летно пладне, Медитации, Записи, Љубов и Ликови,  се опфаќа еден  специфичен дискурс од развојот на творештвото на авторката и преставува своевиден творечки рекапитулар по долгата  творечка патека.

                Сеопфатно, творештвото на Саздовска се следи и класифицира преку содржински слоеви на фигуративното сликарство, односно  серии на слики со женски фигури и ликови кои наизменично се преплетуваат и се создаваат во зависност од периодот на творење, од нејзиното различно расположение, од емоционалниот  порив и диктат на чувствата. Таа внимателно ја анализира, проучува и трансформира мотивската преокупација во нови претстави со засебни вредности, предавајќи  прецизни и јасно детерминирани форми и облици на фигурални претстави кои се прочистени, заоблени, ритмички избалансирани во различни модификации. Така, во нејзините дела, присутната фигуративна опстановка е преточена во ликовни творби кои се  есенцијални екстракти или записи на нејзината релација со надворешниот и внатрешниот свет, и генерално се одликуваат со студиозна, грижлива и педантна обработка, со усовршен индивидуален ликовен израз. Оттука, нејзиното сликарство е една ликовна приказна исткаена со сегменти од опкружувањето и животот воопшто.

            Преку 37 слики во Ликовниот салон  е поставенa целосната слика, богатa и сигурна во просторот, слика со моќен колорит, раскошна во оптичкото богатство.