Отворање на изложбата ,, Ченто – биографија низ фотографија ,,

На 09.02.2018 во Ликовен салон Велес беше отворена историската изложба на тема ,,Ченто – бигографија низ фотографија ,,. Изложбата брои 20 паноа на кои се претставени над 250 фотографии од животот и делото на Методија Андонов – Ченто.

Изложбата ја отвори в.д директорот на ЛУ Народен музеј Велес д-р Анита Василкова Мидоска, а со свој говор настапи и авторот на изложбата Рубин Белчевски кој работи како историчар во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп.

Ми претставува особено задоволство што во рамките на меѓумузејските активности и соработки на Локалната установа Народниот музеј во Велес и Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј од Прилеп, денес пред Вас се открива едно парче од современата историја на македонскиот народ и сите ние имаме можност за момент да ги откриеме белезите на еден богат живот кој претставува не само биографија на великан туку и историја на Македонија и нејзината вечна борба за непокор. Историја која судејќи по зборовите на мудрите луѓе ако не ја знаеме тогаш постојано ја повторуваме.

Во идејната креација на оваа изложба авторот преку фотографии ни ги рефлектира животните патеки, судири, внатрешни и надворешни борби кои во себе, со себе и околу себе ги водел великанот на современата македонска историја Методија Андонов Ченто, нашиот борец, деец и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Човекот кој македонската кауза ја одбра за своја животна патека и кој во име на таа кауза непоткленувајќи и борејќи се за своите идеи го вткаи духот на вечната борба на македонскиот народ и го коваше својот живот низ една „калдрместа патека“ со подеми и падови – истакна д-р Анита Василкова Мидоска.

Изложбата Велешката јавност ќе може да ја погледне во следните 2 недели.